Третата Еду конференција за наставници и информатичари се одржа на 8 и 9 април 2017 во Струга во хотел „Дрим“. На Третата Еду Конференција учесниците професионално можеа да се усовршат преку предавања на теми од интерес за воспитно образовната дејност и истотака да учествуваат со постер презентација. Имено, за учесниците беше распишан повик за изработка на постери за споделување на добри практики. Повикот беше објавен со цел прикажување на сопствен иновативен приод при реализација на одредена активност со цел да се збогатат едукативните ресурси кои потоа може да се применат во наставата.
Изработив постер во Corel Draw за можностите и потенцијалот на виртуелна реалност насловен како „Трансформирајте ја училницата со виртуелна реалност“. На мое големо задоволство мојот постер беше избран меѓу најдобрите постери кои се објавени во печатена публикација. Жири комисијата избра вкупно 30 постери кои ги задоволуваат критериумите за оригиналност, применливост, потенцијал за привлекување на внимание, опис на методолошки пристап и вкупен впечаток.
За време на Еду конференцијата (на 8ми април) на секој учесник му беше дадена шанса да го презентира пред присутните својот труд. Мојот постер го прикажа огромниот потенцијал кој го пружа виртуелна реалност и можностите за примена во настава. Виртуелна реалност овозможува виртуелни патувања низ кои се истражува, споредува, анализира и учи на впечатлив и незаборавен начин. Виртуелна реалност ги транспортира до дестинации кои се чинат невозможни од истражување на вселената па се нуркање во корални брегови.
Сите 30 постери беа изложени во холот на хотелот за да присутните во паузите меѓу сесиите може да ги разгледаат. Постерите беа испечатени во Б2 формат.
По завршување на сесијата предвидена за постер презентации, голем број од присутните покажаа интерес да искусат виртуелен свет и да ги испробаат 3Д картонските очила. Беа воодушевени и импресионирани од начинот на кој виртуелна реалност во комбинација со апликација и 3Д очила може да ги претвори часовите во незаборавно искуство.
Најдобар постер се бираше од страна на жири комисија и преку гласање од страна на публиката. Секој од присутните учесници за време на презентацијата доби листа со имиња на авторите на постерите и активностите прикажани на постерот и можеше да гласа и додели 3, 2 и 1 бод за постер презентациите кои најмногу ќе му се допаднат. Откако заврши гласањето, жири комисијата ги собра сите листи за да ги сумира резултатите и избере најдобрите.
Прогласувањето на наградени постери се одржа на самото затварање на конференцијата. Постерот „Трансформирајте ја училницата со виртуелна реалност“ освои 2 место од страна на стручното жири составено од универзитетски професори, советници во БРО и наставници.
Доколку сте љубопитни и сакате да ги ѕирнете постерите кликнете до долу дадениот линк кој води до публикацијата со примери на искуства и иновативни пристапи за реализација на наставата.
http://www.friends-of-education.org/stem-science-technology-engineering-and-mathematics/
|